Почитувани поддржувачи на несубвенционираните идеи и македонски вредности,
по 17ти пат блиску до ебицентарот на Скопје ќе се одржи најдругарската декемвриска фестивалска журка – ТАКСИРАТ!
Седум дена пред главната фестивалска вечер, на 28ми Ноември во МКЦ се враќаме и го создаваме највозбудливиот и најпозитивниот Лузер Фест досега!

Одиме вака, едноставно како и минатата година:

Ги повикуваме сите македонски млади и неоткриени бендови ДО 15 ОКТОМВРИ 2015 да испратат 3 свои песни на конкурсот. За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават:

* три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат),
* контакти
* фотографија и
* кратка биографија на бендот и членовите.
Пријавите, НАЈДОЦНА ДО 15 ОКТОМВРИ 2015, треба да бидат испратени на и-мејл адресата: info@password.mk & lina@password.mk . Следете ги објавите на официјалната Фејсбук страна на Пасворд и Таксират, каде соодветно ќе бидат објавувани детали од правилата и наградите за победниците на Лузер Фест 2015.

И оваа година:
* Победникот на „Лузер Фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под на „Пасворд Продакшн“;
* Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка) и „Spancir“ (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани бендови кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на своите фестивали. Постои можност да се додадат уште 2 потенцијални настапи за најдобрите на Лузер Фест, во Чешка и Полска.
Победникот ќе биде избран од жири, како и од гласовите на публиката. Жирито ќе биде во мешан етничко – национален карактер и ќе бидат вклучени селектори од горенаведените фестивали.

ВАЖНО:

* „Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите 8 групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест“;
* Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани;
* Не примаме песни со семејни и традиционални вредности
* Не даваме финансиски субвенции ни квартално ни декадно
* „Пасворд“ има право да ги објавува пријавените песни од страна на изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи
* Сите бендови кои ќе се пријават ќе бидат објавени, а селекцијата ќе се одреди по истекување на рокот за пријавување

Кризниот штаб со голема насмевка ќе најави и уште неколку настани кои ќе ја направат Таксиратската недела доволно добра да може да се поднесе остатокот од времето до изборната година.

ВАС ВЕ ЧЕКАМЕ СО СНИМКИ! РАЗБУДЕТЕ СЕ

Минатата 2014та година заедно со АМBER VIRGA, CORTEX, CUTTING EDGE, KOLT, PROBLEM SOLVED, PROJECT 2501, THE PROTAGONIST, SKOPJE CREW (SKC), THE AUTHOR и TV RAGE и гостите РЕПЕТИТОР, Лоши Деца, ВЕРКА и Хај Контрол во преполното МКЦ се врати и освежи фестивалскиот дух на сите ентузијасти кои творат авторска музика и истата сакаат да ја промовираат пред македонската публика.
Конечното пребројување покажа дека изборите се одвиваа во фер и трезвена атмосфера, со констатиран успех и 62.73% излезеност на гласачкото место од вкупниот број на регистрирани гласачи во изборниот список.
Ланските победници PROJECT 2501 имаа можност да настапат на бината на ПОХОДА, најголемиот фестивал во Словачка, како и да бидат дел од размената на артисти преку програмата ЦЕЕТЕП. Во моментот тие работат на финализирање на својот албум, како награда од минатогодишниот Лузер Фест, кој ќе излезе кон крајот на годината. Експлозивната сцена на ЕГЗИТ ги одбра КОРТЕКС кои за првпат настапија на најдобриот европски фестивал.

Сподели