Втора самостојна изложба на основачот на Плакарт и Скопје постер фестивал

Во галеријата на МКЦ можете да ја погледнете втората самостојна изложба на првиот постеровец Лазе Трипков. Изложба на плакати создадени во периодот од 2004/2014 година. Загревање пред почетокот на декемвриското 7-мо издание на Скопје постер фестивалот 2014.

Трипков е графички дизајнер, професор, иницијатор и куратор на над 30 меѓународни проекти, вклучувајчи ги сите досегашни 6 изданија на Скопскиот постер фестивал, 20-тина поконкурсни изложби на Плакарт надвор од нашата земја(Њујорк, Прага, Варшава, Белград, Истанбул, Париз, Лисабон…), ко-основач на Скопската недела на дизајн. Членува во одборот на најстарото и најквалитетното биенале за плакат-варшавското, чест гостин на меѓународни проекти од профилот на графичкиот дизајн во и надвор од државата во својство на предавач, член на жири.

Во каталогот кој тој го подготви за неговата изложба пишува: „Графичките дизајнери, независно од какво етничко потелко се и независно од средината во која творат, се тие кои ги решаваат визуелните комуникациски проблеми. Oд есенцијално значење е вештината на размислување и создавање перцепција со слики, зборови и симболи. Способноста да се создаде убедлива или информациска перспектива на некоја идеја е многу важно. Но, најважната работа во дизајнот е да го создадеш патот!“
Неговиот ментор Лех Мајевски, наследникот на Хенрик Томашевски – еден од основоположниците на најпознатата школа за плакат во светот, ќе изјави за него: „Голем поборник за толкување и прифаќање на плакатот како уметност, а не само како реклама…Неговите пораки никогаш не се врзани за една тема, тој обработува локални, а истовремено и глобални прашања, идеолошки, културолошки, гротесктни, секојдневни теми кои неминовно носат суштинско значење.“

Oтворањето на изложбата се случи на 17 ноември, а оваа поставка на плакати ќе ја раскажува својата оригинална приказна се до 30.11.2014.

 

Сподели