Васко Марковски ќе се претстави како мултимедијален артист, преку стихови, фотографии и музика, дела настанати во перидот додека беше создавана Корпоративно утро. Како музичка придружба за првпат ќе бидат јавно изведени композиции од скопскиот фамозен таен бенд Коњи на поило.

***

Свежо избришан
подот во Трговскиот.
Почнува нов ден.

***

„Доколку има ронка вистина во мудроста дека ‘денот по утрото се познава’, тогаш ракописот Корпоративно утро, чиешто печатење безрезевно го препорачуваме, ветува прекрасни творечки ‘денови’ на Васко Марковски“, од рецензијата на проф. д-р Владимир Мартиновски.

„Васко Марковски ни го носи градот во собата, собата ја вдомува на балконите, балконите живеат во саксиите, а тие во корењата на липите. Патува за да се сети дека постојат нешта кои засекогаш остануваат на исто место – низ улиците или во детството. Секое негово хаику по читањето носи тишина – во вид на насмевка, различна од оние фотографските, или поглед во далечина, различен од оној на портретите во семејните стебла. И само така личното време ја победува историската глад за вечност“, од рецензијата на Никола Маџиров.

—-

За Васко Марковски

Зборовите се тркалаат, јазиците не мируваат, предизвикот е формата — вели тој. Пишувајќи серијали од долги текстови, посакал оддишка во „мал формат“. Така, според неговото раскажување, се сретнал со хаикуто и…. „се бендисале“. Ама таа хемија не е случајна затоа што го потсетила на една „епизода“ многу пред новинарските утра, кога го открил турскиот поет Орхан Вели. Некаде меѓу тие две старо-нови средби (со Орхан Вели и со хаикуто) се раѓаат песните што меѓу две корици ќе бидат познати како „Корпоративно утро“.

м-р.Александра Јуруковска

Сподели