Врвниот ансамбл „УКЛА Чарлс Мингус“ од САД со три концерти во Македонија
На почетокот на мај во неколку градови во Македонија ќе гостува врвен џез-состав од САД. Станува збор за „UCLA Charles Mingus Ensemble“ кој ќе одржи три концерти кои ќе бидат дел од неговата Јужноисточна европска турнеја. Под диригентство на реномираниот композитор, диригент и флејтист Џејмс Њутон, ансамблот ќе настапи најпрвин во Пионерскиот дом во Штип, на 6 мај, потоа на 8 мај во Охрид во клубот „Џез ин“, и на 9 мај во Скопје, во Киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.
Овие концерти на Ансамблот „Чарлс Мингус“ ќе претставуваат ретка можност за македонските љубители на џезот и воопшто на музиката, бидејќи станува збор за музичари кои се сметаат за едни од најталентираните млади џезери на американската сцена. Тие работат со влијателниот Џејмс Њутн, кој е и нивна инспирација во творештвото, и ќе покажат како звучи новата генерација џез-музичари. Инаку, Њутн во Македонија за првпат гостуваше во 1990 година, кога настапи со неговиот квинтет на Скопскиот џез-фестивал.
Организатор на овие настани е американскиот џез-музичар, саксофонистот Дејв Вилсон, кој веќе десетина години престојува во Македонија и придонесува за развој на џез-сцената овде. Тој вели дека младите музичари од „Чарлс Мингус“ ќе покажат дека џезерската традиција е се уште жива, но дека има и светла иднина.
Покрај овие три концерти пред македонската публика, музичарите ќе одржат и џез- работилници на Музичките академии во Штип и во Приштина, како и концерт во Приштина.

Сподели