Почитувани,
Со огромно задоволство го најавуваме концертот на холандскиот композитор и иноватор во свирење лаута Jozef Van Wissem, добитник на награда на филмскиот фестивал во Кан за најдобра филмска музика за последниот филм на Џим Џармуш – “Only Lovers Left Alive”.
Вечерта ќе настапи и домашниот композитор Алек Пејовски со премиерна изведба на неговото најново дело специјално изработено за овој настан.

Музиката на Jozef Van Wissem не е пренатрупана и е директна, со длабоко хипнотично и чувствено влијание и предадена е со естетски интензитет што се одразува преку неговите католички наслови. Долгите отмени мелодии создаваат трансцендентен идиличен свет. Тој е музичар што постојано е на турнеја, неговите страсни концерти го имаат одведено низ целиот свет, а има настапувано на престижни фестивали како All Tomorrow’s Parties и Primavera Sound. Van Wissem го има изучувано инструментот лаута во Њујорк со Пет О’Брајан и држи предавања на тема „Ослободувањето на лаутата“. Бил ангажиран од Националната галерија во Лондон да компонира звучна подлога за делото „The Ambassadors“, а има свирено лаута и изведувано гласовни делови за видео-играта Sims Medieval. Во 2013 г. ја доби наградата за најдобра филмска музика во Кан за филмот „Only Lovers Left Alive”. Соработува со Џим Џармуш, Тилда Свинтон (Tilda Swinton) и Зола Џизус (Zola Jesus). Во моментов компонира музика за неколку филма. За него беше изработена целосно црна, единствена, барокна лаута, а според емисијата All Songs Considered, на радиото NPR, „неговите композиции се тешки и се сместени во хипнотична темнина.“

„Како авангарден композитор и истовремено барокен свирач на лаута, холандскиот музичар господинот Van Wissem (Ван Висем) е одлично запознаен со дихотомијата.“
Њујорк тајмс

Александар Пејовски, без сомнение е водечкиот композитор на современа класика во Македонија. Квалитетот и квантитетот на неговиот креативен опус во последниве 10тина години не само што го потврдува тоа, туку и го исфрла многу далеку пред неговите локални современици. Секогаш промислен и во здрав контакт со општествено-политичката реалност, а во исто време медитативен и трансцедентен, тој се одликува со истенчено чувство за во исто време комплексна и едноставна музичка убавина. Историјата на музиката (уметноста) ја користи како кист од кој ги црпи боите за своите фантастични дела, а омажите и цитатите на големите композитори му се омилено орудие во досликување.
Во оваа прилика, ќе имаме привилегија и задоволство, премиерно да послушаме сосем ново дело, специјално компонирано за оваа прилика. Се работи за своевиден триптих на ултра современа тема, направено за две виолини, виола и лента. Насловот на делото е: Jas sum Sharli – Jas ne sum Sharli – Jas sum Charli, pesot od Vevchani.
Секој допир со музиката на Пејовски е допир со многуте лица на реалноста, но и допир со историјата но пред се нанапред, бидејќи овој композитор е убавата иднината на нашето културно богатство.
Ретка можност да се ужива во музичката магија на два музички генијалци.

Билети, во строго ограничен број по цена од 350 денари на билетара на МКЦ, на ден на концерт цена на билет ќе чини 500 денари.

14 февруари, 21:00, Кино Фросина, МКЦ Скопје

Сподели