Во рамките на манифестацијата „МКЦ за Скопје“, со која Младинскиот културен центар – Скопје ја одбележува 54-годишнина од скопскиот катастрофален земјотрес, на 25 јули 2017 година (вторник) со почеток во 20 часот во киното „Фросина“ ќе биде одржана книжевната вечер „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (сага за првата македонска поетеса Даница Ручигај). Вечерта, всушност, е замислена како промоција на книгите „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ и „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, кои се посветени на првата македонска поетеса – авторка на антологиските стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“ и основоположничка на тнр. женско писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај, која загина во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година.
Промотори на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ и „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов се проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Александар Прокопиев. Модератор ќе биде Анета Трпевска, спикерка на Македонското радио – Радио Скопје, а стиховите на Даница Ручигај ќе ги интерпретира Искра Чоловиќ. За музичкиот дел, пак, се задолжени Александар Прокопиев, Сашо Гигов – Гиш и Јаков Дренковски, аудио – дизајнот е на Бесим Кека, тон мајстор на Македонското радио и еден од бардовите на македонското аудио снимање, видео – монтажата на Софија Макриевска, а техничката поддршка на Зоран Јовановиќ.
Во рамките на книжевната вечер ќе бидат прикажани и документарните филмови посветени на Даница Ручигај „Поетот живее и по смртта“ (1993) и „Соновите не заспиваат“ (2016) на новинарите на Македонската телевизија Соња Драгољуб Гиздавиќ и Катица Трајковска – Абјаниќ.

Сподели