ЗАРОБУВАЧИ НА СМРТТА ВИ ПРЕТСТАВУВААТ:

- Музички перформанс на Јетмир Мехмеди на акустична гитара (Џебно кино)
- Проекција на краткиот филм „Мемоари“ (Џебно кино)
- „ПостМодернистички Стрес“ – Изложба на фотографии на Ана Аврамоска (фоаје над кино „Фросина“)
- „Колекционерот на страв“ – Промоција на книга на Златко Ѓелески (фоаје над кино „Фросина“)

На 14-ти април со почеток од 20 часот друштвото на уметници „Заробувачи на смртта“ ве покануваат да присуствувате на второто издание на манифестацијата во која членовите на ова друштво се претставуваат со своите уметнички дела. Уметничката програма за оваа година ја започнуваме со музичкиот перформанс на гитаристот Јетмир Мехмеди, кој ќе изведе неколку класични дела за акустична гитара. По него следува проекцијата на краткометражниот филм „Мемоари“, кој претставува адаптација на истоимениот краток расказ од збирката раскази „Морбидизам“ на Златко Ѓелески, екранизиран од страна на членовите на „Заробувачи на смртта“ кои по проекцијата на филмот ќе го елаборираат процесот на преведување на пишаниот збор во филмски јазик. Од просториите во џебното кино се селиме во фоајето над кино „Фросина“ каде ќе биде поставена изложбата на фотографии насловена „ПостМодернистички Стрес“ на Ана Аврамоска. Овие дваесет фотографии отвораат прашања за потрагата по идентитет на обезличениот модерен човек во безмилосниот свет, со помош на севкупната палета на емоции. Манифестацијата се комплетира со промоцијата на новата книга на Златко Ѓелески – „Колекционерот на страв“, составена од две целини: „Некрово“ – новела за тајните на еден мал проколнат град и „Гробницата на живите мртовци“ – збирка на раскази за ликови со испреплетени судбини лоцирани во една загадочна зграда.

Музичкиот перформанс на Јетмир Мехмеди и проекцијата на краткометражниот филм „Мемоари“ ќе се одржи во просториите на Џебното Кино, додека пак изложбата на фотографии „ПостМодернистички Стрес“ на Ана Аврамоска и промоцијата на книгата „Колекционерот на страв“ ќе се одржи во фоајето над кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар.

Сподели