Легендарниот хрватски музичар Дарко Рундек во рамки на офф-програмата на 17. Таксират, ја закажува новата средба со фановите од Македонија на концерт кој ќе се одржи на 30. ноември во МКЦ во Скопје. Некогашниот лидер на култната група „Хаустор“, која беше еден од предводниците на „новиот бран“ од 80тите години на минатиот век, со своето „Карго Трио“ се враќа пред македонската публика со промоција на извонредниот и веќе одлично прифатен нов албум „Мостови“.

Албумот кој официјално беше објавен на 25 мај годинава ни носи свеж и поинаков звук од првиот албум на Рундек Карго Трио („Плави авион“, 2010). Незаобиколни се и фантастичните музички критики кои ги собра ова музичко остварување, според кои станува збор за едно од ремек делата на регионалната музичка сцена во последните дваесет години. Истиот е оценет како вистинско ескапистичко патување надвор од орбитата на тажното секојдневие, кое воедно е поглед кон себе и својата средина од која и изникна Рундек.

„Мостови“ содржи вкупно 11 песни со длабока симболика која Дарко Рундек, Душан Враниќ и Изабел Катала ќе ни ја откријат во целост на концертот во Скопје. Публиката ќе има вистинска прилика во посебна атмосфера да ужива со новиот материјал на овој неуморен музички номад кој плени со секоја нова изведба, но и со старите хитови на „Хаустор“, запаметени како музички класици ва регионот, меѓу кои и песните како „Ена“, „Узалуд питаш“, „Шал од свиле“…

Влезниците за концертот на РУНДЕК КАРГО ТРИО ќе бидат достапни во продажба од 1. ноември (недела) преку МКтикетс. Цената на билетите во претпродажба ќе биде 300 денари, додека истите на денот на концертот ќе чинат 400 денари.

Сподели