АРХИ-БЕРЛИНАЛЕ на ЛАЛЕ

По 68 издание на Берлинскиот филмски фестивал, каде што Златната мечка ја доби контроверзниот филм “Touch me not” на романската режисерка Адина Пинтили, Дебатниот филмски клуб ЛАЛЕ, во мартовската програма вклучи 4 значајни филмови, кои во изминатите години ја добија Златната мечка.

7 март
A KIND OF LOVING (Еден вид љубов), 1962, Велика Британија, 125 мин.

Режија: Џон Шлезингер
Улоги: Алан Бејтс , Џун Ричи

Една обична животна приказна за момче што е принудено да се ожени поради трудната девојка… Но прилагодувањето на живот со доминантната тешта не оди лесно… Мрачно, влажно и депресивно од северот. Повеќето филмофили го паметат Шлезингер по филмовите „Маратонец“ и „Полноќниот каубој“, но „Еден вид љубов“ е нешто посебно!

Златна мечка за најдобра режија.

14 март
LOVE STREAMS (Љубовни струења), 1984, SAD, 141 мин.

Режија: Џон Касаветис
Улоги: Џина Роуландс, Џон Касаветис

Ликовите во филмот се и луди и смешни, но повеќе од сѐ – очајни. Гледањето на овој филм е наместа тажно, често збунувачко, жестоко ненаметливо, сурово, различно од илјадници други добри филмови.

Златна мечка е за најдобар филм. 

21 март
GEGEN DIE WAND (Со глава низ ѕид), 2004, Германија/Турција, 121 мин.

Режија: Фатих Акин
Улоги: Бирол Унел, Сибел Кекили

Исклучителен, повеќеслоен филм, кој нѐ води на најнеочекувани места. Романтична комедија со остри рабови. Има така и крв и солзи и пијанство, но има и надеж.

Фатих Акин во Берлин ја доби главната награда од филмските критичари и Златна мечка за најдобар филм. Инаку филмот има уште 23 фестивалски награди.

28 март
TROPA DE ELITE (Елитен одред), 2007, Бразил, 115 мин.

Режија: Хозе Падиља
Улоги: Вагнер Моура, Андре Рамиро

Филмот е работен според настаните од 1997 година во Рио Де Женеиро, кога се очекува доаѓањето на Папата и се работи за негов безбеден престој. На филмот му забележуваат дека е лошо структуиран и некохерентен, па сепак, берлинското жири во 2008 оцени дека филмот има вредносен капацитет за највисока награда.

Проекциите и дебатите се одржуваат во Џебното кино на МКЦ секоја среда од 20 часот. Влезот е слободен.

Сподели