Efterklang во „Фросина“: Природен спој на простор и време

превземено од kulpop.mk (12.11.2013)
автор: Александар Саздовски

—-

Бендовите најчесто не се потресуваат каде настапуваат. Најголем дел од нив ниту можат да си дозволат таков луксуз. Да беа придружниот состав на Боно Вокс ќе имаа огромен бел лист што ќе го пополнуваа со својот список од разгалени желби. Имајќи предвид оти не продаваат катаљарда плочи во минута и не пијат пиво со претседателот на САД додека зборуваат за долгот на Африка мнозинството групи во светот доаѓаат во одредена земја, град и локација и го прифаќаат тоа што менаџерот им го договорил. Еднаш тоа може да биде влажна дупка заборавена од општествените текови, другпат ноќен клуб што преку ден е стрелиште за српски поклоници на оружјето, а третпат симпатично бојадисана киносала за 250-ина луѓе што вообичаено е полупразна зашто во срцето на врелиот Балкан на програмата има „студени“ европски арт-филмови.

Томболата со потенцијални места за изведба не престанува да врти, но на данскиот бенд Efterklang синоќа им се падна токму последното топче, односно Младинскиот културен центар и киното „Фросина“. Уште со првите тонови на Hollow Mountain и особено со приклучувањето на гласот на фронтменот Каспер Клаусен од озарените лица им се виде оти од добивката се пресреќни како мали деца кои отвораат нова играчка. Сето ова можеби е перцепција на гледач кој имал прилика да се релаксира во удобни столчиња на одвај три метра од настапувачите, ама изјавите од вчерашното, како и од постарите интервјуа, истакнуваат дека данските музичари навистина беа фасцинирани од компактноста, интимноста и од акустичноста на местото каде што дебитираа пред скопската и македонската публика.

Членовите на формацијата основана во 2001 година во неколку наврати невоздржано откриваа дека звукот и неговите бескрајни варијации ги маѓепсуваат до недоглед, а тоа целосно се докажа на перформансот во „Фросина“. Држејќи се воглавно до ланскиот, најамбициозен и најреализиран, албум Piramida, тие одржаа концерт што прочистува уши, но и дишни патишта, што се доживува во миг, а инспирира долготрајно и којшто убаво може да се искуси стоечки, меѓутоа, комплетно да се впие во седечка позиција. Синоќешната свирка беше како на слушалки да вртите албум по напорен работен ден, со тоа што деталите уште поистурено, појасно и почисто одѕвонуваа. Подробностите Efterklang се погрижил да бидат сè од разговори на фоки, преку семплувани олуци до импровизирана употреба на социјалистичко канцелариско столче како инструмент.

Сè тоа вчеравечер оживуваше безмалку безгрешно, а блискоста на изведувачите до речиси секој во салата овозможуваше да изгледа како да се обраќа секому засебно, но и да е наменето за взаемно конзумирање и споделување. Перформансот, надополнет со скромна, но ефективна употреба на светло и чад, како и со повремени визуелизации, се развиваше и се заокружи како елегантна целина, а отскокнаа Sedna, The Ghost, Monument и свежата трака Look Up. Севкупното течение изобилуваше со ненаметлив ритам, оперски придружен женски вокал, електроника што пулсира и ја проширува атмосферата, бас кој питомо разигрува, гитара која лизга и баритон којшто сето тоа го поврзува и го стегнува. Вклучен во штекер, овој микс функционираше онака како што бил замислен и изгравиран на плоча, под конец и со контролирани скршнувања.

Финишот, сепак, дојде од спротивната насока. Не сум проверил, можеби секоја свирка од актуелната турнеја ја завршуваат буквално на истиот начин, меѓутоа, имаше нешто навистина посебно и искрено поттикнато токму од синоќешната атмосфера, што ги натера шестте музичари да седнат на подот од бината, да се симнат меѓу присутните и да се истопорат на столчињата со ракија в рака. Исклучени од струја, тие најсликовито го нагласија беседништвото кое и онака е суштинско во нивниот израз. Разликата беше што во дотогашниот тек од концертот групата можеше да ги скрие „слабостите“ со бучава и со импровизации, а во финалето се ослободија од вишоците и се соголија до најосновните емоции. Во таа точка стана очигледно дека данскиот состав синоќа во „Фросина“ беше на вистинско место и во вистинско време. Во само час и половина тоа се спои во претстава за Efterklang што самите членови, а и секој музички обожавател сака почесто да има прилика да ја изгради – најприродната и најверодостојната.