Дојдовме и до последниот ден на годинешното издание на фестивалот на европски филм CINEDAYS.

Што се случуваше во изминативе десет дена низ нашиот град?

Фестивалот го отворивме со настап за паметење на култните „Токму така“. Имавме 25 гала премиери и 8 репризни прикажувања во Кино Милениум.

На репертоарот беа најновите остварувања на Darko Lungulov, Yi’nan Diao, Konchalovskiy, Dardene brothers, Cronenberg, Roy Andrson, Anton Corbijn, Inarrity, Linklater, Hazanavicius, Zvyagintsev, Fatih Akin, Wim Wenders, Lars von Trier, Kim Ki Duk, Woody Allen, Godard, Ken Loach, Gondry, Nuri Bilge Ceylan, а пред скопската публика се поклони и грузискиот режисер, George Ovashvili пред проекцијата на неговиот филм, Corn Island, кој ја доби престижната гран при награда на фестивалот Karlovy Vary.

Во Фросина, на програмата беа 10 остварувања на млади режисери во официјалната селекција и 5 најнови балкански остварувања. По секој филм Q&A сесиите стануваат поинтересни од година во година, а публиката сѐ поактивно се приклучува во дискусиите со бројните гости на фестивалот – режисери, кинематографи, актери/ки…

Ги погледнавме извонредните музички докумантарци за The Stone Roses, Nick cave, shoegaze сцената, проследивме светска премиера пред преполната Фросина на филмот за Културно Уметнички Работници, „Денот да е радосен“, имавме и 9 кратки македонски филма (да не повторуваме дека се седеше и на радијаторите на Фросина)…

Во Џебно кино проследивме 6 филма од OffDorf селекцијата, музичките документарци за Марко Брецељ, Slint, американската андерграунд кантри музика…

Во Кинотека погледнавме 5 филма од земјата во фокус годинава: Бразил, фино селектирани од Викториа Мело, гостинка на фестивалот.
Во ЕУ инфо центарот, пресек на Queer Lisboa фестивалот селектирани од Жоао Фереира, гостин на фестивалот.

Работилници и дискусии: работилница за филмска критика со Boyd Van Hoeij; EAVE on Demand, со десетици учествувачи; дискусија за музичките документарни филмови; презентација на совети и трикови за промоција на филмови со Mick J.Holdsworth; големата Virginie Bourdine имаше презентација во Fx3X; работилница за филмска камера со десетици студенти од Србија, Албанија, Бугарија, Косово, Македонија, предавачи од Летонија, Босна и Херцеговина, Турција.

Planningtorock го преврте МКЦ, К.У.Р. нѐ вратија на некои времиња, surprise настап на Dan Boeckner (Operators, Divine Fits, Wolf Parade, Handsome Furs), концерти на Тони Китановски Трио, Shamba Quartet, DJ сетови на Ѓорѓи Јаневски, Виолета Качакова, Мирко Попов, Адо, Бојан Чакра, Нино Наумов… настап во живо на Lil’Bear од Хрватска…
Фантастична изложба на концертни плакати на познатиот хрватски дизајнер Игор Хофбауер, кој, се разбира, беше гостин на фестивалот…
Кога ќе погледнеме назад во изминативе десет дена, можеме без трошка срам да кажеме дека го обоивме Скопје во најубави филмски бои.
Ви благодариме на поддршката, ви се извинуваме за евентуалните непријатности, даваме сѐ од себе сите мани и недостатоци да ги санираме за да имаме беспрекорни проекции.

До следното филмско дружење.
Гледајте филм, слушајте музика, читајте стрипови, книги… Се гледаме во МКЦ! (секако)

Cinedays тим