Превземено од: Утрински весник
Автор: Тина Иванова

Младинскиот културен центар и „Земјотрес“ му дадоа на Скопје убав лик.

„Скопје, конечно, стана град“ беше реченицата која одвреме-навреме како ехо пристигнуваше до нашите уши од различни „купчиња“ луѓе кои го зазедоа Младинскиот културен центар во саботата навечер. Второто издание на Фестивалот „Земјотрес“, кој го носи поднасловот „Фестивал на независна музика“, привлече многу љубители на македонскиот прогресивен звук, претежно млади. Дел од нив чекаа пред вратите наоѓајќи разни начини да влезат внатре, зашто билетите беа распродадени, а внатре, пак, двојно повеќе поклоници на новиот звучен бран кои беа сведоци на едно несекојдневно случување – повеќе од 20-ина изведувачи, бендови и музички артисти, распослани на три сцени на кои паралелно се одвиваше интересна програма обоена со шаренило од музички изрази, а спроти штиците што чуваат приказни од минатото, стари и нови насмеани и среќни лица. Во холот, пак, базар со плочи, ЦД-а, маици, беџови, нови звучни изданија на неколку македонски независни издавачки куќи…

Младинскиот културен центар и „Земјотрес“ му дадоа на Скопје убав лик. Можеби звучи романтично, па нека е и патетично, но само за миг, само за таа вечер, му го вратија вистинскиот живот, оној обичен, навидум приземен живот кој „малите“ нешта го прават да биде понекогаш толку разигран. Животот кој овие млади, но и не толку млади луѓе, ама желни за силна уметничка енергија, го заслужуваат. Ретките концертни и, воопшто, културни случувања направија да се чувствуваме гладни, боси и неми. Не дека „Земјотрес“ во ова наше сивило што и да ни понудеше, ќе беше добро, туку Фестивалот навистина донесе атмосфера која ја покри долгонапластената „магла“ на овој град.

Златните балкони, меките килими, раскошните лустери, сепак, колку и да се за некои неопходни и блескави, наметнуваат, сакале или не, стерилност, грч, па дури и страв од поинакво изразување од она што толку агресивно ни го пласира општеството. И колку и да е силна нивната тенденција со црвени тешки завеси да се покрие независната културна сцена, да се маргинализира, секако, таа си го наоѓа својот канал за да избие на површина и со силен крик да извикне: „Слобода!“

Токму Младинскиот културен центар во моментов е местото во кое слободата на креативно изразување и слободата на движење може да биде најизразена. Но, тој тоа и треба да биде. Таква му е функцијата. Простор кој треба широко да ги отвори вратите за критичко разгледување на масовната инерција во сферата на културата и тоа во континуитет, наспроти уметничкиот конформизам напластен во привидноста на раскошот. Да не биде „Земјотрес“ само инцидент.

Младинскиот културен центар, всушност, со овој Фестивал покажува дека не само што им го враќа сјајот на минатите вредности, туку дава знаци дека и новите генерации имаат право на свој град. Имаат право, и не само тоа, туку постои суштинска, елементарна потреба токму тие да го создадат имиџот на градот по кој светот ќе го препознава. А МКЦ да биде нивното секојдневје, нивното сврталиште кое освен што ќе претставува социјална кохезија, ќе биде и моторот на прогресивни идеи.

МКЦ, од своето изворно време, од „25 Мај“ па досега, низ децениите и политичките премрежија беше и останува епицентарот на инстинктивните младешки уметнички пориви. Центарот на културните, на естетските и, ако сакате, на идеолошките пресврти во македонската култура. Местото каде што генерации млади уметници му пркосеа на тогашниот систем и, еве, и сега, како што им прилега и на младоста, со уметнички крик се обидуваат да му пркосат и на овој. МКЦ треба да продолжи со посебен жар и интензитет, ама во континуитет, да гради атмосфера која ќе го направи овој простор врело на изворните македонски, но и на интернационални независни културни претставници. Да му се случува секојдневен „земјотрес“.

фото: Борјан Сандревски