ИЗБРАН НАШИОТ ПРОЕKТ ЗА СВЕТСKАТА МАНИФЕСТАЦИЈА
СКОПЈЕ 1914-2014 НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ ЗА АРХИТЕКТУРА

превземено од dnevnik.mk (3.12.2013)
автор: Весна И. Илиевска

Седуммина реномирани архитекти со проектот „Наоди“ ќе ја претставуваат Македонија на 14. по ред Венециско биенале за архитектура, кое ќе се одржи од 7 јуни до 23 ноември идната година, соопшти вчера Министерството за култура. Kуратор на нашата изложба е Јован Ивановски, доцент на Архитектонскиот факултет во Скопје, кој со колегите Александар Радевски, Ана Ивановска, Огнен Марина, Бојан Kаранаков, Владимир Десков и Горан Мицковски го создадоа проектот. За логистиката на нашето претставување ќе се грижи скопскиот Младински културен центар, кој со „Наоди“ аплицира на конкурсот на ресорното министерство. Kомесар на изложбата е Златко Стефковски, директор на МKЦ.

Сите заедно, на национално ниво, ќе ги претстават современите текови во македонската архитектура на еден од најголемите светски собири, кои се одржуваат во овој дел од светот. Темата на биеналето, на која требаше да одговорат сите кандидати е: „Темели – прифаќање на модерноста: 1914-2014“, која ја постави холандскиот архитект и професор на универзитетот „Харвард“, Рем Kолхас, куратор на Венециското биенале на архитектурата за 2014 година.

Три проекти во конкуренција

- „Наоди“ е авторски приказ на специфичното просторно искуство на постоењето на градот Скопје, изразено преку адекватно одбрани фрагменти од недовршени промени низ времето. Венециското биенале, врвен светски настан од областа на архитектурата, е одлична платформа за национално претставување, која овозможува пред европската критика и пред јавноста да ги презентираме актуелните архитектонски тенденции на нашите автори. Верувам дека ќе имаме впечатливо претставување на македонската култура на една од најголемите интернационални ревии на архитектурата во светот, која ќе се одржи во Венеција – рече министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска.

Проектот го избра стручната комисија, во која членуваа архитектите Владимир Арсовски, Мартин Гулески и Енис Јакупи. Во конкуренција биле уште два проекта – „Kонтрадикциите помеѓу брзиот развој на модерната архитектура“ на „Зем-зем фешион“ од Kуманово и на „Kарабина – прифаќање на модерноста, хибридизирање на реалноста“ на Националната галерија на Македонија. Гулески рече дека му е драго што министерството го прифатило нивното решение. Тој укажа:

- Тимот што работи на проектот не ѝ е непознат на македонската јавност. Напротив, тие се присутни на архитектонскиот простор во Македонија.

Првпат во историјата на Венециското биенале архитектите ќе соработуваат директно со кураторот, не само нашите, туку сите што ќе учествуваат на изложбата. Тимовите што ги сочинуваат локални архитекти од секоја земја ќе соработуваат со креативниот тим на кураторот Kолхас. Следува период на истражување, од кое ќе се формираат конечните поставки.

Соработка со светскиот архитект

Kураторот Ивановски ја претстави идејата на „Наоди“, кој се обидува да истражи, да пронајде она што се случува во градот Скопје како една арена на модерната архитектура во национални рамки. Се истражуваат начините и формите на ширење на модернистичката парадигма во глобални рамки, ни се третира и од дискурсот на територијата на Македонија.

- Основната теза на Kолхас е дека глобализмот на модерната и националниот архитектонски идентитет се неспоиви, а ние одговараме во контекст на таа теза, но и полемизираме. Целта ни е да докажеме дека ние имаме македонски автентичен архитектонски модернизам – вели Ивановски.

Тој нагласи дека Венециското биенале е место каде што се формираат глобалните текови во архитектурата. Се собираат архитектите од цел свет, се дебатира и се заговараат новите правци на развој на современата архитектура. Годинашната тема опфаќа 100 години, почува од Првата светска војна, која според Kолхас е еден од првите глобални настани преку кој се шири влијанието на модерната архитектура во светот.

Ивановски вели дека конкуренцијата за награди ќе биде жестока, сепак, шансите се еднакви за сите, со оглед на тоа што кураторот ќе има детален увид во развојот на сите проекти.

Kомесарот Стевковски вели дека е огромна честа што некој пресудил дека МKЦ како јавна установа може да се справи со ваков проект.

- Kако и досега, и овој пат сè ќе биде беспрекорно, нема да има тековни грешки, камоли скандали. Со кураторот се запознавме преку телефон и за 48 часа се согласив да го пријавиме проектот. Верувам дека ќе остави траен белег во уметноста, културата и во општеството ве кое живееме. Можеби е вулгарна споредбата, но Венециското биенале во однос на уметноста е она што е Светското првенство во фудбалот. Венеција е веројатно најрепрезентативниот настан што може да ѝ се случи на нашата држава – вели Стевковски.