На ѕидот на зграда на бул. 11 Октомври, спроти Управата за јавни приходи и/или веднаш до домот на хуманоста Даре Џамбаз францускиот уметник Veks Van Hillik изработи мурал со огромни димензии, 160 М2. По минатогодишните мурали на фасадата на ЈУ МКЦ, едниот дело на групата ЗЕРО и муралот кој го создадоа четириесетина македонски прогресивни уметници, ЈУ МКЦ имаше работен продолжен викенд (26,27,28 август).

Огромна благодарност до станарите на зградата. МКЦ ја користи оваа можност за јавен АПЕЛ и ЗАМОЛНИЦА до нашите сограѓани кои би сакале да имаат мурал на своите фасади да нè контактираат и заеднички да го разубавиме нашиот град. Во периодот кој следи, десетина уметници од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка ќе сотворат нови дела на повеќе станбени и јавни објекти.
Благодарност до градот Скопје, за безрезервната материјална, техничко-логистичка поддршка, и за препознавањето на потребата за прогресивно разубавување на градските фасади.
Veks Van Hillik е роден во 1988 година, во мало село во југозападна Франција. Под влијание на неговите постари браќа, тој почнува да слика уште од најрана возраст и почетна инспирација наоѓа во природата околу него, во нејзината фауна и флора.
Veks подоцна развива сопствен стил: сонувачки, надреален, истовремено вметнувајќи други најразлични влијанија. Сликари како Гистав Доре, Енгр, Караваџо, Дали или Бретон се постојана инспирација од минатите векови, но, како проколнато од неговата генерација, неговото дело е исто така е под благо влијание на поп-културата, видео-игрите, стрипот, уличната уметност и тетоважите.
Од 2010 година, кога ја остварува својата прва изложба во Тулуз (каде што денес живее и твори), остварува неколку самостојни и бројни групни изложби ширум Франција, Европа, САД. Неговите дела се застапени во поставките во галеријата MondoPop во Рим и Салерно; во галеријата Gristle Tattoo во Бруклин, Њујорк, во галерии во Лос Анѓелес и Филаделфија, Мелбурн…
Секоја слика или цртеж од Veks Van Hillik изгледа како ода посветена на фантазијата, како таинствен прозорец кон неговите сништа и илузии, каде секоја сцена и лик се префинета мешавина на невиност и мрачност.