Женскиот младински хор на МКЦ, под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски од 12 до 15 јуни 2014 година учествуваше на 5-тиот Меѓународен хорски натпревар “CRACOVIA CANTANS” кој се одржа во Краков, Полска. Хорот ја имаше честа да одржи два целовечерни концерти во најпознатите концертни катедрали во Краков, познатата “Bazylika Mariacka“ и катедралата “Najświętszej Maryi Panny z Lourdes” пред многубројна публика, и со извонредни реакции и критики.

Во натпреварувачкиот дел од фестивалот настапија внимателно избрани хорови од многу Европски земји: Италија, Шведска, Данска, Норвешка, Латвија, Естонија, Германија, Русија, Украина, Србија, Словенија, Израел, Чешка, Полска. Женскиот младински хор се натпреваруваше во две категории (категорија B2 – женски хорови и категорија F -фолклорна и популарна музика) и во двете ги освои високите втори места. Успехот е дотолку поголем ако се знае дека на овој натпревар се доделуваат само по една прва, втора и трета награда во категорија, без разлика колку хорови има во истата.

Овие награди се уште едно големо признание за вложениот труд на маестро Татарчевски и членовите на хорот, како и за Македонската хорска култура и традиција во целина, а континуираните меѓународни успеси не остануваат незабележани бидејќи веќе се добиени покани за учество на нови престижни хорски фестивали.