“МОТ и мотовци се најтеатарска приказна во која секоја година – во тек е 39.то издание – се нови претстави на нови или веќе театри, лаборатории, групи, трупи … од светот и дома кои веќе учествувале во програмата на МОТ. Публиката е онаа позната “мотовска”, а секоја година плус се намножува и нова, па така МОТ останува вистински млад и отворен за разни театарски предизвици.”

Превземено од ГЛОБУС (23.09.2014)
Автор: ЛИЛЈАНА МАЗОВА

Низ годините/децении се покажувало и докажувало дека меѓународниот Млад отворен театар што го организира Младинскиот културен центар (кога пред 39 години МОТ почна да живее – Дом на млади “25 Мај”) е најпривлечната театарска дестинација во Скопје на која публика и се и’ театарски фанови од други градови. МОТ и мотовци се најтеатарска приказна во која секоја година – во тек е 39.то издание – се нови претстави на нови или веќе театри, лаборатории, групи, трупи … од светот и дома кои веќе учествувале во програмата на МОТ. Публиката е онаа позната “мотовска”, а секоја година плус се намножува и нова, па така МОТ останува вистински млад и отворен за разни театарски предизвици.

Годинашното издание на МОТ е на половина – започна на 19. а ќе трае до 26 септември – а на организаторите, меѓу другото вљубеници во МОТ (Зоја Бузалковска, Нина Николиќ, Јасмина Василева, Ана Константиновиќ, Златко Стевковски, Ванчо Богоев и Русе Арсов), треба да им се признае дека навистина се потрудиле (тие си знаат како) да не прават фестивал “за толку пари толку музика”, туку фестивалска приказна за паметење. Блиска средба меѓу театарот и публиката, раскажана низ 17 претстави од 9 земји, што е и подвиг за парите што МОТ ги добива, но тоа е сосема друга приказна.

39.то издание на МОТ започна со светската театарска трупа Ла МаМа од Њујорк и нивниот проект/музичка приказна “Ла МаМА кантата”. Пред, се разбира најмотовската публика (во салата “Фросина” во Младинскиот култрурен центар – Скопје) со светска трупа/настан/музички театар, близок/најблизок до мотовци. Некој подоцна рече секое столче/гледач беше подолга или покуса мотовска приказна.

Ла МаМа, пак, и сега кога ја изведува својата 53 години долга приказна во чиј центар е приказната за легендарната Елен Стјуард, жената која ја основа Ла МаМа и која, на свој начин, е основач и на “Оф-оф Бродвеј”, е млад, свеж, енергичен, поетичен, критички поставен, весел, разигран… Задоволство. Низ трупата, со различни авторски ангажмани, поминале многу големи творци на американскиот театар.

Кантатата на режисерката и композиторка Елизабет Свадос, е забавен, полн со дух и енергија приказ на животот на Елен Стјуард и петте децении на трупата Ла МаМа. Значи, не станува збор за мјузикл од типот на оние кои ги создаваше легендарната Елен, туку музичка приказна за постоењето на еден автор и една трупа која го разнесе својот став за театарот низ светот.

Ла МаМа и Елен Стјуард сум го гледала неколу пати. На разни дестинации. Секогаш како свеовидна атракција која ја прикажува моќта на театарот да го менува светот… Овој пат тоа е “спакувано”, опремено, отпеано, оттанцувано како приказна која сликовито, низ збор, слика и музика, со осуммина одлични актери/пејачи/танчери и музичари, не вовлекуваат во себе и во времето назад но и напред, кои изнесуваат ставови што ги сакаме, препознаваме, со познати ликови кои, на ваков или онаков начин, ја буделе во Елен потребата да менува.

Наспроти себе и она што другите околу неа – познати ѕвезди и творци – го нуделе како уметност кон која таа имала резерва, поточно забелеѓки и подбив кои, заедно, и станеле предизвик за нешто поинакво – за Ла МаМа. И немало никакво уметнчко педигре, а станала големата Ла МаМа. Се борела за себе и за уметниците на кои им станала Ла МаМа, на публиката низ светот која им ја подаруваше својата безрезервна посветеност на она што го создаваше, го создаваа или создаваат.

На подобар начин, или со подобар избор од овој, не можеше да започне 39. МОТ. И да продолжи. И како потег/избор кој организаторите ги става пред нови и нови мотовски искушенија и идни обврски пред публиката и пред себе.

МОТ продолжи со настапот на Мотус, театарска лабораторија од Римини, Италија, во Дансинг салата на МКЦ. Со проектот “Алексис. Грчка трагедија”, суров протест против тероризмот. Истражена тема, проект кој е прикажан повеќе од 150 пати низ светските сцени и кој го повикува гледачот да се прндружи во борбата против тероризмот за да се одбегне страшното: ПРЕДОЦНА Е. Всушност, изведбата истражува и докажува дека секогаш е време да му се застане на злосторот и заборавот кој покрива друг злостор. Возбудливо раскажан/одигран театар во кој крајот е во единството меѓу авторите и публиката.

Втора претстава на втората вечер на 39. МОТ беше “The Beautiful” на Малата сцена во Драмски театар, беше на младиот актер Петар Милошевски, Македонец кој дипломирал актерска игра во Софија, а живее и работи во Лондон. Тој ни дојде со својот проект кој на мошне интересен начин, во најспецифичен костим и маска, ни прикажа визуелен, говорен и полн со метафори театар. Петар е актер/автор кој ја раскажува својата приказна преполна со метафори и трансформации за себе, за желбата да се биде поинаков, за раѓањето, за физичкото и моралното распаѓање… Убав театар кој е создаван долго и со јасна цел. Затоа и има с?.

На третиот ден на МОТ беа дури пет претстави/проекти/перформанси од Македонија. Првиот “Контрола” на режисерката Теа Беговска кој се случува во автобус во движење, вториот “Нашиот клас” во режија на Владимир Милчин на Театарот за деца и младинци во Скопје, третиот буто-перформансот на вредниот, секогаш инспириран актер Васил Зафирчев. Исклучиво преку говорот на телото и чувствата и по книгата “Дневникот на хулиганот” на Сашо Димоски. За првите две претстави веќе пишував во “Глобус” и го заслужуваат вниманието на публиката секоја од свој агол, како и перформансот на Зафирчев со неговата виртуозна игра.

Беа прикажани и танцовите проекти “Јас сум…” на ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј” од Скопје (во МКЦ) и “О(Тело)” на Скопје танцов театар во кореографија на Рисима Рисимкин (во “Зебра”).

До крајот на 39. МОТ има уште многу претстави/проекти кои доаѓаат од разни страни. Секоја, според најавата, е “она што треба да се види”. Така, откако сè ќе се види, заедно со придружната програма, ќе може и да се дораскаже успешнататеатарска – мотовска – приказна на 39. МОТ.