На 04.10.2014 година ќе се одржи традиционалната културна манифестација – БЕЛА НОЌ 2014. Младинскиот културен центар и Градот Скопје, распишаа ПОВИК ЗА УЧЕСТВО на уметници што на есен ќе бидат дел од ова еднодневно културно раздвижување на Скопје.

Годинава на „Бела Ноќ“ ќе бидат опфатени следниве области: Визуелни уметности ( ликовна уметност, фотографија, инсталација, видео арт, стрип, кибернетичка уметност), Применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб дизајн, мода, дигитални креации), Музика, Филм и Јавна уметност и урбани точки.
Селекцијата на уметниците ќе биде направена од страна на организаторите. Уметниците ќе бидат избрани според приложените дела. Квалитет, иновација и карактер во опсег на предложениот концепт, се главните критериуми при селекцијата на уметниците и нивните дела. Притоа дозволени се сите уметнички форми и медиуми реализирани со било кои инструменти или техники.
Со цел да земат учество на повикот, уметниците треба да ги поднесат следниве документи:
- биографија со личните податоци за уметникот или групата
- фотографии/ ДВД/ ЦД/ скици и цртежи
- промотивни материјали (доколку ги има): каталог, брошура, рецензии, осврти…
- пополнета и потпишана апликација ( можете да ја симнете на www.belanok.mk)
Апликациските форми заедно со дополнителните документи треба да бидат испратени најдоцна до 01 јули 2014 година, на следниве адреси:
Младински културен центар,со назнака (ЗА БЕЛА НОЌ 2014), Кеј Димитар Влахов 15. 1000 Скопје, Македонија, или по пат на електронска пошта на contact@belanok.mk.