Прв саем на современа уметност

Континео 2020 (Граѓанското здружение за промоција и поддршка на културата) од Скопје, Македонија во соработка со партнерската организација YLDA (Young People for Local Development Association) од Торино, Италија имаат чест да го најават одржувањето на Првиот саем за современа уметност – Паратисима Скопје, од 13 до 15 Јуни 2014 година во просториите на Младинскиот културен центар, Скопје со наслов „Поврзувања”.
Воедно сакаме и да ве известиме дека од 9ти мај до 1ви јуни 2014 година е отворен јавниот повик за пријавување и учество на Паратисима. Заинтересираните уметници ќе можат да го најдат повикот на официјалниот веб сајт на Паратисима (http://paratissima.it) и профилите на Паратисима на социјалните мрежи.

Правила за учество:

За учество на саемот не постои пред-селекција, право на учество имаат сите заинтересирани автори – независно од форматот во кој се изразуваат. Форматот на Паратисима е едноставен: заедно со уметниците кои сакаат да учествуваат и да ја поддржат иницијативата, се реализира настан кој им дава видливост на уметничките дела и ја поддржува нивната промоција. Паратисима е наменета за сите, но таа особено се стреми кон поддржување и промоција на млади, не етаблирани автори, но истовремено презентира и афирмирани уметници на коишто им нуди нов контекст и простор за соработка во динамична и енергична средина. За посета на настаните нема да се наплаќа билет. Учесниците и нивните дела ќе бидат соодветно распоредени во просториите на Младинскиот културен центар со помош на фестивалскиот уметнички директор и куратор. На секој автор му е овозможена комплетна автономност при изборот на делото и техниката.

Паратисима дава можност на сите автори да бидат прикажани без претходна селекција, но на крајот на настанот ќе бидат селектирани 10тина автори коишто ќе имаат шанса да ги прикажат своите дела на Паратисима во Торино, ноември 2014 година.

Паратисима Скопје е реализирана со институционална поддршка од Град Торино, торинската Стопанска Комора, Младинскиот Културен Центар и Град Скопје.