Младинскиот културен центар со гордост обзнанува:

на овогодинешното венециско Биенале за архитектура, македонскиот национален претставник – проектот “Наоди“, ќе е дел од престижниот историски комплекс Арсенале (“Arsenale”).

Покрај триесетидвете држави кои имаат сопствени (трајни) павилјони во локалитетот Џардини (“Giardini”), во Арсенале, ќе се и најголемиот број на национални павилјони, учесници на Биеналето.

Македонскиот павилјон ќе биде во старата оружарница (“Sala d’Armi”), комплекс од неколку взаемно поврзани објекти, поставени централно, и пристапни од главниот централен плоштад кој се формира на пресекот на двата (нај)долги објекти – “Corderie” и “Artiglerie”. Комплексот објекти на старата оружарница нуди извонредни услови за изложување, како во локациска, така и во просторна смисла. Најголемиот дел од објектите на старата оружарница беа подложени на обемен реставрациски потфат во текот на 2011 година, така, денес, се во автентична состојба, и технички осовременети.

Според информациите достапни и на официјалната интернет страница на Биеналето (www.labiennale.org), во комплесот на старата оружарница, покрај македонскиот, ќе се и павилјоните на: Аргентина, Албанија, Коста Рика, Обединетите Арапски Емирати, Мексико, Перу, Јужна Африка и Турција.

Процесот на производство на изложбената поставка за проектот “Наоди“ е во завршна фаза. Сложеноста на изложбената поставка изискува истата да се изработува во неколку специјализирани студиа и работилници во Скопје вклучувајќи учество на повеќе стручни лица. Покрај професорите од Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ – автори на проектот, во одреден дел од реализацијата на проектот учествуваат и група студенти од истиот факултет, за кои учеството на најпрестижната уметничка и архитектонска манифестација во светот, претставува можност за стекнување со непроценливо меѓународно искуство.
Куратор на изложбата е Јован Ивановски, доцент на Архитектонскиот факултет во Скопје, кој на проектот работи заедно со: Ана Ивановска Дескова, Горан Мицковски, Бојан Каранаков, Огнен Марина, Владимир Десков и Александар Радевски.
Комесар на проектот “Наоди“ е Златко Стевковски, директор на Mладинскиот културен центар.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.