Пријатели,

Еве, на 1ви септември, на официјалниот почеток на новата учебна, да ви обзнаниме кои лектири ги прочитавме летово зад нас… и што ве очекува со есенската сезона настани во вашиот Младински културен центар.Поставен (по 4ипол децении) централниот систем за ладење и греење во концертната сала 25 мај (Денсинг сала), со кој конечно го надминуваме деценискиот проблем со климатизацијата во текот на концертите, претставите…, и/или: в иднина, скокајте колку сакате на концертите – НЕМА ПОТЕЊЕ!!!

Исто така, за нас, не помалку важно, во истата култна 25 мај, дниве привршува корекцијата на постоечката сцена, која ќе е повисока за 40 см, согласно општоприфатените стандарди во концертните простори од овој вид низ светот, со што ќе се подобри прегледноста од гледалиштето. Покрај подигнувањето, сцената ќе биде дополнително опремена со материјали за акустична изолација, со цел автентично акустичко доживување.

Како што веќе ве известиме, завршува и работата на новиот урбан – извесно, в иднина историски мурал (60 м2) на фасадата на ѕидот од кино Фросина, изработен од уметничката група Зеро, која пред триесетина години го направи и постоечкиот мурал во холот на МКЦ. На 7ми септември, овој огромен мурал ќе го славиме со неколку муз. групи: The Membranes, SIZ и Voltaire Mani Al Hakim, и проекција на два кратки документарни филма, проекти на групата Зеро, во режија на Ацо Станковски.

Како и секое лето, меѓународниот театарски фестивал МОТ не беше заборавен. Програмата наскоро на официјалната прес-конференција на 13ти септември.

БЕЛАТА НОЌ, годинава, за точно еден месеци од денес, на 1ви октомври.

Ние, како што гледате од погоренаведеното, ќе да сме подготвени, вам, како по навика, ви останува да сте со нас, заедно, на новите концерти, театарски претстави, проекции на филмови, изложби, промоции на книги…