Здраво, здраво,

2013 започна на 01.01.2013, ќе заврши на 31.12.2013.
Ќе се обидеме на кратко да дадеме резиме на изминатата година и активностите во ЈУ МКЦ – Скопје, полесно за нас, да видиме до каде сме а и пред вас, да се оправдаме.
Од сроченото, слободно можеме да заклучиме дека имавме плодна и работна година проследена со многу мили и немили настани што секако се неизбежен дел од растењето. Но, со стари болки и волја за нови рани, одиме понатаму.

Ќе започнеме со фестивалите кои се во организација на МКЦ.

MOT, CINEDAYS, ЗДРАВО МЛАДИ, БЕЛА НОЌ, РОДЕНДЕНОТ…, ВИДИ МУЗИКА – СЛУШНИ СЛИКА – ДОБИЈ КНИГА

Годинешното издание на МОТ го одбележаа распродадаени претстави недела дена пред започување на фестивалот и повторно како и секогаш – огромен интерес кај публиката. 15 претстави меѓу кои и: кореографското чудо на таткото на современиот танц – Вим Вандекејбус и неговата “Она што телото не го памети”, спектакл кој го отвори 38. МОТ, премиерата на претставата “Носталгиумот на еден перфориран копиљ” од Јане Спасиќ, “Ноќна пеперутка” на Јавор Гардев од националниот театар “Иван Вазов” од Софија, траорната претстава “Прст” на организацијата Хартефакт, претставата која ја одбележа 2013 – “Галеб” во режија на Томи Јанежиќ на Српското народно позориште од Нови Сад, драмата “Народен непријател” во режија на Дино Мустафиќ во изведба на Албанскиот театар од Скопје, “Хамлетмашина” во режија на Андраш Урбан а во изведба на Народниот театар од Битола, “05:17” на Нела Витошевиќ и Вондерленд театарот, кореодрамата “Хот” во изведба на Скопје танцовата академија и театар, “Прогонот и убиството на Жан-Пол Мара” во изведба на студентите од Факултетот за драмски уметности – Скопје, “Жолта линија” на легендарното Загребачко казалиште младих, “Малечката” на Кумпанијази театар од Истанбул, “Метаморфози” на Александар Поповски во изведба на Југословенско драмско позориште, претставата “Тања, Тања” во режија на Александар Ивановски а во изведба на НУЦК Трајко Прокопиев од Куманово, “Невини” на добропознатите Словенско младинско гледалишче како и монодрамата “Лев” во изведба на колективот Мута Имаџо од Италија. Сè на сè, компактна програма која успеа да ја задоволи публиката гладна за театар.

CINEDAYS повторно руши рекорди, одлична програма и гости од цел свет. Се прикажаа филмовите на Торнаторе, Вуди Ален, Горан Марковиќ, Брајан де Палма, Анджеј Вајда, Мајкл Винтерботом, Лик Бесон, Паоло Сорентино, Џим Џармуш, Данис Тановиќ, Вонг кар Ваи, Франсоа Озон, Азгар Фаради, Стивен Содерберг, Џанфранко Роси. Имавме ревија на африканска и еквадорска кинематографија како и ревија на италијански современ филм, премиера на последните филмови на Билјана Гарванлиева и Иво Трајков, работилници и предавања на Крис Бејкер и Јан Харлан, Ерик Шпицер и обид да ги споиме италијанските продуценти и дистрибутерски куќи со домашните режисери и филмски продукции преку “Зачетоците на еден филмски маркет” што е пракса и традиција на светските филмски фестивали. Во 4 кино сали во Скопје, се прикажаа преку 100 филма, работилници, размена на искуства, создавање пријатели…Nokia можеа слободно да не спонзорирааат, ама тоа не се случи.

ЗДРАВО МЛАДИ! веќе трета година по ред, упорно пркоси и полека но сигурно се етаблира во фестивалската понуда/програма во регионот. Настапија, Chinawoman (Кан), FM Belfast (Исл), Girls Names (Ирс), Bitches (Анг), Konrad Kuechenmeister (Гер), TI (Срб), Dj Rashad & DJ Spinn (САД), The John, Game Over, Ulterior, Kanton 6, Green Out во придружба на визуелни артисти од Турција и Финска. Во мај 2013, на 2 сцени на отворено, во еден ден, се случи свеж музички фестивал со одлична атмосфера и најголема посетеност до сега. Навистина беше добро.

Види Музика – Слушни Слика – Добиј Книга во Градскиот парк е вистински почеток на летото. Преполно со посетители со одличен концерт на Македонската Филхармонија и ликовен перформанс на Емил и Тони Шулајковски. Скопје го обзеде Диско треска.

За „Роденденот…“ се збра пола Скопје во МКЦ, имавме изложба, бендови, филмови, литературни читања, паметите? Свиреа и Д’ Далтонс со Перса и Шупак во постава  ;-)

На Бела Ноќ 2013 француската спектакуларна театарска трупа Commandos Percu го запалија небото на Скопје, а ова деновиве надвор го гледате не е магла, туку чад кој остана да тлее по нивното незаборавно пиротехничко шоу. Истата вечер во сите јавни градски установи и галерии беше поставена изложбата „Уметникот и Диктатурата“, а пред МКЦ традиционално имавме голем концерт на платото.

Ги угостивме и: Импакт фест, Локомотива, Танц Фест, ОФФЕСТ, Таксират, Радио МОФ, ЕХО филм фестивал, Македокс, Tiit inc, Скопски филмски фестивал, Анимакс

Галеријата на МКЦ ги вдоми следните изложби: Вангел, Милош, Вангел Коџоман, Ване Костуранов, Биљана Василева, Иван Велков, Милан Андов, Константин Танчев – Динка, Александар Белугин (Русија), Сергеј Дамовски, Васко Ташковски, Мустафа Асим, донаторска изложба на Илина Арсова и пријателите за Монт Еверест, фото изложба Трајковски Александар, Пренџов Панче, Конзулов Борче, Нераскажаните приказни за суперхероините – куратор Мариета Сидовски, скици – цртежи од сценографијата на филмот Вештачка интелегенција, изложбата со наслов “Уметникот и диктатурата” за Бела Ноќ 2013 како и групната изложба на центарот за современи уметности CAC по повод годишната награда за млад ликовен уметник “ДЕНЕС 2013”.

Во 2013 во МКЦ свиреа:

Протагонист, Паркети, Д Далтонс, Conquering Lion, Kanda Kodza i Nebojsa (Срб), Милко, Mугер Фугер, Exic, Last Expedition, The Black & Vice Social Club, Bei The Fish, Bernays Propaganda, Culture Development, SIZ, Репетитор (Срб), Да Даш, Foolish Green, June, The Men (САД), Нова Генерација, Coma Stereo (Сло), Sex Jams (Авс), Его Диско, Надимаџ (Срб), Контра, Нихилист, Суперхикс Зад Аголот, Александар Пејовски & Женски Младински Хор, La Colonie Volvox, Кабадајас, Dorena (Шве), Stuttgart Online (Срб), Давид Нешковски Трио, Brina (Сло), Brian Smith (САД), The John, Скопски Метеж, LD Pistolero + DJ Goce, Фонија, ТИ (Срб), Гаф Гам Гаф Маф, ZEA (Хол), Демек, A Venus Fly Trap, Власта Попиќ (Хрв), Летечки Пекинезери, Сетстет, Vveltschmertz, Bambara (САД), Monozid (Гер), Lepi Xhoni, Philipp Gorbachev (Гер/Рус), Роботек, No Joy (Кан), Чалгија Саунд Систем, N’Toko (Сло), Fighting Windmills, Macedonian Progressive Jazz Quartet, Тотално Опуштање, ПМГ Колектив, Да Џака Накот, New Police State, ГЛАСНОМ, Shoen, TV Rage, Ice Soul Combo, Born For Slaughter. Како посебни настани би ги издвоиле концертите на The Oh Sees (САД), The Men (САД), Efterklang (ДАН), Iceage (ДАН) и A Place to Bury Strangers (САД) чии настапи се веќе трајно врежани во познатата скопската митологија на “легендарни концерти”.

Во поглед на реновирање и новитети, МКЦ во 2013 година комплетно ја обнови својата Галерија со ново осветлување, современ систем за поставување на делата,систем за озвучување, нов под, зидови, подвижни панели, модерен систем на вентилација на просторот и негово обезбедување. Покрај истото, комплетно се дигитализираше киноприкажувачката опрема во кино Фросина со технолошки напреднат систем за прикажување на филмови преку дигитални филмски копии. Истото кино, кое функционира како театарска и концертна сала се здоби со целосно реновирана сцена /бина каде новиот под ги замени четириесетгодишните штици. МКЦ повторно го врати во функција и Џебното Кино, кое со реновирањето доби нови седишта, нов проектор, нов под, централна вентилација, комплетно реновирана кино кабина – спремно за филмови и камерни театарски претстави. Во салата “25 мај”, позната како денсинг сала, поставена е рамка за светло и елементи долж целиот простор кој отвора можности истата да се користи и како театарски простор. Инсталиравме и современ софтверски систем за регулирање и заштеда на топлинска енергија.

Се случи и автокино во Градскиот парк, киното Милениум доживеа премиера на второто продолжение на Хобит во 3D HFR, две премиери на нови долгометражни македонски филма – “Соба со пијано” на Игор Иванов – Изи и “Балканот не е мртов” на Александар Поповски, доживеавме и светски премиери на “Hangover 3”; “The Great Gatsby”; “Superman: Man of Steel”; “Star Trek Into Darkness”; “World War Z”; “Iron Man 3” ; “The Hobbit: The Desolation of Smaug”; “The Hobbit: An Unexpected Journey”; “Django Unchained”; “The Smurfs 2”; “The Wolverine”, се впишавме меѓу гордите издавачи на новиот албум на Bernays Propaganda – “Забранета планета”, издадовме куп книги, промовиравме куп книги, организиравме настан по повод 50 годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Имаме и нов супер кул сајт.

Се надеваме дека следната година ќе успееме да реализираме барем исто колку и во 2013. Ако нешто забораваме, се беше намерно.

Се гледаме во 2014!