Женскиот хор на МКЦ под диригентство на Сашо Татарчевски оствари уште еден меѓународен успех. Во периодот од 3-6 септември 2015 година, Женскиот младински хор при МКЦ учествуваше на петтиот меѓународен хорски натпревар „Ливиу Борлан“ во Баиа Маре, Романија. Како и секогаш досега, девојките од хорот под раководство на маестро Сашо Татарчевски достојно ја претставија нашата земја и култура, освојувајќи златна диплома од стручното жири како и две специјални награди за своите настапи. Овие одличја ја збогатија и онака големата колекција меѓународни признанија и награди на ансамблот, кој повеќе од четири децении е вистински културен амбасадор на нашата земја и редок пример на колектив со континуирани резултати и успеси.