Македонско преставување на 14-тото Архитектонско биенале во Венеција /   La Biennale di Venezia

Архитектонското Биенале во Венеција со своите тринаесет досегашни одржани настани е една од најпрестижните глобални архитектонски манифестациии, преку која локалните архитектонски сцени од сите меридијани (со)учествуваат во формирањето на светските трендови и текови во архитектурата. Престојното архитектонско биенале во неколку аспекти се разликува од претходните – неговото времетраење е продолжено речиси двојно – Биеналето е отворено за публика од 7.06.–23.11.2014 г.; отворањето на манифестацијата наместо во септември, како што досега беше вообичаено е поместено за 7-ми јуни; а неговиот куратор – холандскиот архитект Рем Колхас, како што самиот вели овојпат ќе се обиде да го оттргне фокусот од архитектите и да го врати назад кон архитектурата, кон нејзината историја и основните елементи кои го засегаат „секој архитект, секаде и во секое време“.

Во делот на националните претставувања, преку темата „Впивање на модерната 1914-2014“ (Absorbing Modernity 1914-2014), Колхас постави една генерална рамка замислена да ги обедини поединечните претставувања, во која секој национален претставник ќе ја вгради сопствената приказна за 100-те години архитектонски модернизам. Прифаќајќи го предизвикот да одговори на вака поставената тема на 14-тото Биенале, Македонскиот национален претставник – проектот „Наоди“ се насочува кон претставување и промоција на обемното и разновидно наследство на македонската модерна архитектура, видена низ специфичниот пример на архитектонската историја на Скопје. Проектот „Наоди“ е поднесен од страна на ЈУ Младински културен центар од Скопје. Куратор на проектот е Јован Ивановски, доцент на архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ, заедно со колегите-автори Ана Ивановска-Дескова, Владимир Десков, Бојан Каранаков, Огнен Марина, Горан Мицковски и Александар Радевски; комесар на проектот е Златко Стефковски од Младинскиот културен центар.

Трагајќи низ историјата на градот и низ неговите архитектонски сеќавања од последното столетие, истражувачкиот проект „Наоди“ е насочен кон истражување, документирање и каталогизација на 50 архитектонски реализации од доменот на јавните згради – кои ја илустрираат специфичната историја на архитектонската модернизација на Скопје. Правејќи свесна аналогија со археологијата, истражувањето е насочено кон нивно (пре)откривање и (пре)прочитување, внимателна селекција, вреднување и препознавање на потенцијалот кои овие составни делови на модернистичкиот урбан архипелаг на градот Скопје го поседуваат. Нивното фактографско, но и креативно толкување, недвосмислено води и до прашањето на дефинирање на трајните архитектонски вредности. Во таа насока, истражувањето утврдува дека токму модернистичката архитектонска колекција – производ на неколку дистинктивни модернизациски процеси – е таа која во голема мера го одредува архитектонскиот идентитет на градот Скопје.

Како и неколку пати до сега, Македонското претставување на Венециското биенале ќе биде сместено во рамки на историскиот простор на Арсенале, овојпат во Сала д’Арми (Sala d’Armi).

Македонскиот павиљон е замислен како слободностоечко тело (со димензии 3.33 х 3.33 м во основа и 2.25 м во висина) кое во својата структура претставува состав на повеќе основни (традиционални) изложбени елементи кои обединети во нова целина се доживуваат како една комлексна изложбена „витрина“.

Опишано по еден инверзен редослед, витрината ги содржи следните елементи: на најгорната површина на павиљонот се наоѓа хоризонтална мрежа која го претставува „археолошкиот план“ на централното градско подрачје на Скопје. Оваа површина од околу 4км2 (2х2 км) всушност е и клучното подрачје кога станува збор за серијата последователни модернизации на градот. Горната ортогонална мрежа укажува на присуството и распоредот на различните градски фрагменти, претставувајќи го карактерот на градскиот пејзаж на Скопје како просторна збирка од недовршени и деконтекстуализирани модернизациски визии. Фрагментите, во директна и во преносна (симболичка) смисла, фрлаат сенка врз групата архитектонски модели позиционирани во зоната под нив, поставени врз една правилна ортогонална агрегација од изложбени постаменти. Архитектонските модели, кои се различни во својата материјалност – израз на нивниот материјален карактер, се ‘извлечени’ од ткивото на градот, односно од тежината на нивните непосредни соседства, нудејќи на тој начин нови читања и нови релации помеѓу нивните различни архитектонски идентитети. Празнината на витрината во која се наоѓаат може да се сфати и како метафора за седиментот на релативно „анонимната“ архитектонска маса која ги опкружува во реалниот контекст. Презентирани на овој начин, самите објекти добиваат ново значење, во смисла на вредни артефакти од една поширока (музејска) колекција.
На надворешната површина на павиљонот, во форма на типолошки и хронолошки есеј, презентиран е хронолошки дијаграм кој ги илустрира педесетте примери, секој од нив релевантен во расветлувањето на модерната архитектонска историја на градот. Внатрешната површина на хронолошкиот дијаграм содржи креативно преработени и колажирани архивски фотографии од селектираните објекти.
Отсуството на заштитно стакло на оваа мета-витрина е свесно – од една страна обезбедува подобра врска на посетителот и изложениот материјал; од друга, метафорички се осврнува кон современата состојба на модернистичкото наследство кое е несоодветно вреднувано, незаштитено и, последователно, изложено на бројни просторни, типолошки и естетски обезвреднувања, заради кои засекогаш исчезнува од ризницата на вредни културни добра.