По завршената тендерска постапка за поставување на централен систем за затоплување и разладување на концертната сала („Денсинг сала“, и/или „Сала 25 Мај“), во Младинскиот културен центар наскоро ќе се започне со реализација на проектот.

Средствата во висина од еден милион и осумстотини илјади денари се обезбедени од Буџетот на Град Скопје, а сиот проект на поставување и изведба ќе биде завршен согласно законски пропишаниот рок.

Со ова, конечно ќе биде решен општопознатиот скоро полвековен горлив проблем и неможноста за одржување на концерти, театарски претстави, и останати настани во култната “Денсинг сала” во текот на летните месеци. Во изминатите три години, по реализацијата на проектите за целосно реконструирање на Џебното кино и киното Фросина во чии рамки беше и  поставувањето на централни системи за затоплување и разладување во овие сали, со овој проект, ќе бидат комплетирани и целосно функционални сите сали и капацитети во ЈУ Младински културен центар.

Се гледаме од есен, во подобри услови.