Kон „Експеримент“ во режија на Јане Спасиќ, Артопиа, 2017

Во најавата за претставата „Експеримент” стои: „Главна инспирација за претставата е книгата The Lucifer Effect на социјалниот психолог Филип Зимбардо, кој во своето дело ги анализира начините и методите преку кои системот и ситуацијата влијае на дехуманизацијата и деиндивидуализацијата на индивидуата, притоа постепено насочувајќи ја индивидуата да извршува злосторства „во име“ на системот.” Иако не е најважно да ги разберете сите нејзини паралелни содржински и значенски линии за да ја доживеете жестоко, оваа претстава меѓу другото ги поставува старите прашања: Што е тоа во човекот што го прави да премолчува, поддржува и учествува во злосторства и зошто човештвото не учи од историјата туку ја повторува? И најважно, зошто ги дозволивме и како сме сè уште живи по 27.03.2009, 06.06.2011, 24.12.2012, 05.05.2015, 13.04.2016, 30.06.2016, 27.04.2017…

„Експеримент” на Јане Спасиќ е (уште една) важна претстава на Артопија. Таа е важна за Спасиќ, за Артопија, за МКЦ, за локалната независна културна сцена и за современиот македонски театар.
„Експеримент” е лекција, вклучително и за нејзиниот автор (а тоа е само уште еден од низата аргументи зашто е одлична), за тоа како се прави авторска претстава. Дека тоа е сериозен, одговорен, напорен, истражувачки процес во кој се фаќате во коштец со она што од секогаш сте сакале да го пробате в театар, а не сте имале прилика или смелост или сте се осмелиле, па сте се изгореле, и најважно, со она што го сакате и во што верувате во театарот. Процес во кој во исто време сте и тактичен како професионалец и смел како аматер. Во кој чесно, одговорно и храбро работите ги правите на потешкиот начин! Созреаниот театарски режисер Спасиќ знае дека тоа е единствениот начин да се искористи ретката прилика со одлични, отворени и посветени актери, во слободен креативен простор, во исклучително деликатен општествен момент да се направи добра и важна претстава, и дека Јане – тврдоглавото еnfant terrible кое одбива да порасне, му е најважниот соработник за оваа задача. Доследен на својата автентична естетика – на детската перспектива, на непријатните приказни за станувањето човек и за динамиките на моќта, кои ако не ги наоѓа во драмската литература, седнува и (сè подобро) ги колажира или пишува самиот, на инсистирањето на динамична, жестока актерска игра и на зачудниот полу осветлен сценски простор поделен по вертикали, Спасиќ на голема врата се враќа на сцената со сериозна, квалитетна и важна претстава. Неколкугодишната пауза во која најмногу учи или работи филм, не само што не го оддалечила, туку била неопходна потребите, размислувањата и пристапите во театарот да му созреат. „Експеримент” е негов (со сета почит кон колегите актери кои во секоја смисла на зборот му го овозможиле тоа) успешен обид да се направи претстава која ќе го архивира и артикулира ужасот во кој живееме во последниве десетина години, а нема да биде само документарен театар. Автентичното театарско, драмското во оваа претстава е така умесно реализирано за да може документарното – она просто преземеното од историјата, науката и политиката на човековата ништожност, да не плесне в лице и да ни зарие нож во стомаците. Во оваа претстава, документарното знаечки е доведено до драмско и тоа е исклучително важно за начините на кои современиот македонски театар (секако вонинституционален, зашто театар иманентно кај нас на друго место нема) се обидува да постои и да ја артикулира актуелната стварност.
Актерите, кои заедно со Наташа Петровиќ ја создадоа Артопија одбивајќи катастрофалните репертоарски политики во нивниот матичен Театар за деца и младинци да им ги уништат највозбудливите години од животот на сцена, Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Симона Спировска Костовска и Мартин Јорданоски, овој пат придружени од штотуку дипломираната актерка Матеа Јанковска и малите-големи глумци Марија Јанчевска (12 години) и Михаел Стојановски (9 години) во “Експеримент” играат буфони кои живеат во паралелната димензија и понекогаш навраќаат во нашиот смрдлив и расипан свет. Нивниот јазик е валкан, телата им се деформирани од напади, суровост и ниски страсти, маските им се грди и страшни. Но ништо од тоа не е доволно за да ги заштити од нашиот смрдлив и расипан свет. Од спомените на американскиот војник кој во Виетнам учествувал во уништувањето на село во кое имало само старци, жени и деца, од пиењето цијанид во рајот на Џим Џонс, од геноцидот во Руанда, од Холокаустот… од Скопје 2014, од крвта на Мартин Нешковски на плоштад, од #Ж и братучедите, од тепањето на пратениците, новинарите, стечајците, студентите… Професионалните актери се прецизни и интензивни во своите задачи, свесни за своето место и важноста на својот влог во претставата. Тие знаат дека таа е поважна од нив самите како актери, но и од сите нас како луѓе. И така и ја играат. Марија и Михаел се внимателно водени низ оваа исклучително деликатна тема за нивните години, за да се чувствуваат сигурно и слободно на сцената и нивната детска спонтаност и чистота да бидат еден од најважните квалитети на оваа претстава. „Експеримент” за Артопија е извонредно квалитетен чекор потаму по ланската “Да ми го поздравиш и да ми го бациш” не само во актерска, туку и во содржинска и програмска смисла.

Заслужува честитки и останатиот дел од креативниот тим на претставата – Бранкица Јорданоска која со секој следен ангажман се потврдува себеси како нов, специфичен израз во македонската театарска костимографија и одличниот Кирил Василев чија што соодветно ‘рѓосана сценографијата е совршено вклопена меѓу металните столбови на задсценскиот простор на киното во МКЦ.
И секако раководниот и програмски тим на МКЦ, кој во последниве години ги препозна и поддржа некои од најсмелите театарски експерименти кај нас, останувајќи значаен потпорен столб на независната културна сцена, онака како што јавните културни институции треба да ú бидат. Давајќи им простор, комплетна креативна и идеолошка слобода и поддршка на ваквите проекти, оваа куќа во која многумина од нас растеа професионално и ден денес ја имаат како свое најдраго место за делување, имаше знаење и волја, во време во кое културата беше згазена од чизмата на пропагандата, да се прероди себеси во најважната јавна културна институција во Македонија.
„Експеримент” е одлична претстава, толку добра што во неа е добро и она што (сè уште) не е. И она што се чини недоволно прецизно и јасно (светот на буфоните и некои од моментите на премин) и тоа е добро. Зашто таму му е местото. Зашто без тоа нема да можеме да го преживееме останатото. Појдете во МКЦ и гледајте ја, следните изведби се на 18 и 19.06. На крајот ќе плачете пред видео материјалите на Горјан Атанасов, зашто нема да добиете одговор на прашањето “Како сме сè уште живи после сè?!” И не треба. Најдобрите претстави всушност не даваат одговори, туку ги поставуваат најнепријатните прашања во вистинско време.
Сè уште силно ракоплескајќи.

Кристина Леловац

*Текстот е преземен од kritika.mk (http://kritika.mk/album/eksperiment-jane-spasic/)