Две први награди во две категории, специјална награда за најдобар диригент и Гран При со највисок број освоени поени на целиот натпревар е билансот од учеството на Женскиот младински хор при МКЦ под диригентство на маестро Сашо Татарчевски на меѓународниот младински фестивал и натпревар кој од 06 до 09 јули се одржа во Братислава, Словачка.

На натпреварот учествуваа ансамбли од четири континенти, претставувајќи ги своите културни специфики и музичка подготвеност пред публиката во Братислава и пред жирито составено од шест еминентни диригенти, композитори и солисти.

Освен на натпреварот, нашиот хор настапи и на концерти кои се одржаа во катедралата Св. Мартин и во музичката сала „Клариски“, а по покана на организаторот, маестро Татарчевски одржа и мастерклас за дел од хоровите кои учествуваа на фестивалот во салата на огледалата во палатата „Примациал“.