3-ТИ ИТФ „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“ 2010 PDF Печати Е-пошта
Петок, 21 Мај 2010 08:45

Третото издание на Интернационалниот театарски фестивал „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“ и оваа година го задржа основното начело: да се промовира независниот, алтернативен и експериментален театар, креиран од млади ентузијасти, искрени вљубеници во театарската уметност.
На сцените на Младинскиот културен центар, од 10 до 14 мај 2010 година, се претставија млади театарски уметници од Германија (Документарен театар – Берлин  со претставата „Танчерка зад бодликава жица“), Бугарија (Универзитетски театар на НБУ со претставата „Die Ubung“/Вежба), Словачка, Србија и Македонија.
Театарската група Шамајел од Иран која требаше да настапи на завршната вечер на годинашното трето издание на ИТФ „Лица без маски“ со претставата „Мажите секогаш се враќаат дома“, во режија на Абдола Барјасте Јазди, која беше еден од адутите на фестивалот, и покрај сите дополнителни ангажирања и од страна на МКЦ, не успеа да ги разреши организационо-административните проблеми и да дојде во Скопје.
На двата фестивалски форуми се дебатираше за изведените претстави на фестивалот со активно учество членовите на жири комисијата и на театрите учесници на фестивалот.

На завршната вечер, на 14 мај, беше изведена претставата „Еволуција. Револуција. Еволуција…“која е производ на едномесечната работилница со младите волонтери од Естонија, Франција, Португалија кои беа дел од организацијата на фестивалот „Лица без маски“. Оваа претстава говори за еволутивниот развој на театарската уметност. Поделена е во неколку сегменти: ритуален театар, антички театар, ренесансен театар, пантомима и современи форми на театарско изразување. Режија: Игор Ивковиќ, со помош од Катерина Петровска и Дарко Велиќ  

Доделување на наградите на 3-тиот ИТФ „Лица без маски“ 2010


Претставите ги оценуваше тричлено интернационално жири составено од Јоке Елберс, претставник на Бордот на директори на Интернационалната асоцијација за аматерски и алтернативни театри (ИАТА), македонската актерка Марина Поп Панкова и театарскиот критичар Илија Упалевски. Од оваа година, листата со награди е зголемена на вкупно три.

Главната награда Гранд при за најдобра претстава во целина – статуетка на „Малиот принц“, која подразбира копродукциски проект на победничкиот театар со македонски алтернативен театар, за најдобра претстава во целина ја доби претставата „Папагалите не јадат бумбари“, по текст на Вилијам Мастросимон, во режија на Јан Микуш, на Дивадло Г.Ф. Белопоточкехо од  Словачка.

Наградата за колективна игра и посебно достигнување како ансамбл за претставата „Бре Кабаре“ на авторите В. Џурџевиќ - В. Цвејиќ, во режија на Владимир Цвејиќ, ја доби Академскиот театар „Бранко Крсмановиќ“ од Србија.

Наградата за визуелно обликување за претставата „Вител“ од Коле Чашуле, во режија на Орхан Јашаровски, ја доби Театар Рома од Македонија.

Младинскиот културен центар со својот бренд „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“, ја продолжува и понатаму промоцијата на алтернативниот театарски израз кај нас, па и многу пошироко, во светското аматерско театарско семејство.